Подготвителните материјали остануваат во игра и за следната учебна година

Работни материјали, привремени учебници за учениците од 5 одделение

Министерството за образование ќе го даде максимумот учебната година од 1 септември да не започне со подготвителни материјали, изјави на 6 јуни, министерот за образование Јетон Шакири.

Во учебната 2022/2023 немаше учебници по сите предмети, па се користеа привремени материјали за учење, за што државата потроши 640 илјади евра, пари добиени како заем од Светската банка кој ќе треба да се врати.

Шакири на прес-конференција рече дека за 80 проценти од предметите, веќе има доставено ракописи, а за предметите за кои не се пријавуваат автори на повиците за учебници, како што е Македонски јазик за трето одделение, ќе се бара решение ако треба, како што рече, „и со подготвителни материјали“.

Видете и ова: Хаосот со учебниците веројатно ќе продолжи и следната учебна година

„Може да имаме проблеми, но не верувам за сите предмети, зашто веќе имаме ракописи. Може да се за еден, два или три предмети, но не можам да предвидам и верувам дека и за нив не треба да има проблеми“, рече министерот.

Минатата година започна со речиси 75 илјади привремени учебници за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение бидејќи на 1 септември минатата година не беа готови нивните нови учебници.