Недостасуваат пожарникари, а пожарникарските возила се стари. Слична е состојбата и со амбулантните возила, се наведува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Според истражувањето во земјава недостигаат 340 пожарникари, а противпожарните возила што ги користат се просечно стари по 27 години. Амбулантните возила пак просечно се стари по 12 години, а само 30 од новонабавените вакви возила се нови, додека другите се купени „на старо“.
Резултатите од истражувањето покажале дека помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни едници во земјава.
Видете и ова: Треба ли да „изгориме“ за да им се купи опрема на пожарникарите?Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица има 190, а треба да има 405 пожарникари. Во Куманово има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, на Битола и недостасуваат 21 пожарникар, а на Тетово 17 пожарникари.
Спротивно, најдобро стои Ресен со дури шест пожарникари над законски определениот број, и неколку општини кои имаат по 4 пожарникари повеќе од минимумот: Гостивар, Струга, Кичево и Делчево.
Видете и ова: Во пандемија државата се поднови со 85 возила вредни 3 милиони евраИнаку, 34-те противпожарни единици вкупно имаат 284 возила, а половина од нив се постари од 30 години, додека само 15 проценти од возилата се стари до 10 години. Најстари возила со просечна старост од 39 години, има новоформираната противпожарна единица во Старо Нагоричане. Најстаро противпожарно возило од 57 години е камионот ТАМ од 1966 година, на валандовската единица.
Во земјава има 263 амбулантни и санитетски возила на здравствените установи. Најстарото возило „мерцедес“ е од 1988 година и го користи Болницата за респираторни заболувања од Отешево. Најнови се две возила набавени минатата година, едното од Клиничката болница во Штип, а другото од Здравствениот дом во Тетово. Дури 73 проценти од сите овие возила, здравствените установи ги добиле на користење или како донација. Само околу 22 проценти од возилата, здравствените установи ги купиле со сопствени средства, се наведува во соопштението.
Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.