Украина ја обвини Русија дека ја оштетила големата брана Каховка кај Херсон

Браната Каховка, Украина, 5 јуни 2023

Украина ги обвини руските сили за кревање во воздух на големата брана и хидроцентралата Каховка во делот на јужна Украина што тие го контролираат.

„Неколку села се целосно или делумно поплавени и започната е евакуација од областа“, изјави во вторникот украински официјален претставник.

Олександр Прокудин, шеф на воената администрација во Херсон изјави дека околу 16 000 луѓе се наоѓаат во критичната зона на десниот брег на регионот Херсон, додавајќи дека има поплави во осум области долж реката Днепар.

Украина им нареди на жителите во оваа област да се евакуираат.

Руската новинска агенција Тас цитираше неименуван руски владин функционер кој рекол дека браната „се срушила“ поради оштетување.

Украинските власти претходно предупредија дека дефектот на браната може да предизвика протекување на 18 милиони кубни метри вода и да го поплави Херсон и десетици други области каде живеат стотици илјади луѓе, како и да предизвика дефект во блиската нуклеарна централа. што е окупирана од руската армија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски свика итен состанок за да се реши кризата.

Тој на Твитер објави видео од браната и напиша дека рушењето на браната и хидроцентралата Каховка „само му потврдува на целиот свет дека тие мора да бидат протерани од секој дел на украинската земја“.

„Ниту еден метар не треба да им се остави, бидејќи секој метар го користат за терор. Само победата на Украина ќе ја врати безбедноста. И таа победа ќе дојде“, напиша Зеленски на Твитер и ги повика граѓаните да им веруваат само на информации од проверени извори.

Видете и ова: Русија повика на евакуација на областа до украинската граница

Радио Слободна Европа не можеше да ја потврди автентичноста на видеото.

Министерството за внатрешни работи на Украина на Телеграм напиша дека браната Каховка е крената во воздух и ги повика жителите на 10 села на десниот брег на реката и делови од градот Херсон да ги земат потребните документи и домашни миленици, да ги исклучат уредите и да заминат.

Снимката од она што се чини дека е надзорна камера која гледа во браната која кружи на социјалните мрежи, наводно, покажува блесок, експлозија и пукање на браната, јавува Асошиејтед прес (АП).

Шефот на Регионалната воена управа во Херсон, во видео објавено на Телеграм, непосредно пред 7:00 часот, рече дека „руската армија извршила уште еден чин на терор“ и предупреди дека водата ќе достигне „критични нивоа“ во рок од пет часови.