Уставните измени треба да се случат, како што се случи и Преспанскиот договор, така треба да се случи и со Договорот за добрососедство, изјави лидерот на Демократската Унија за интеграција ( ДУИ) Али Ахмети на 5 јуни на настанот за одбележување на 21-годишнината од основањето на партијата.
„Вклучувањето на заедниците, Бугарите, Црногорците и другите да бидат уставна категорија со што конечно ќе се затвори едно историско поглавје за нашите сограѓани Македонци и конечно ќе се легитимираат како нација и култура на меѓународно ниво и за ова ја имаат нашата најголема поддршка“, изјави Ахмети во пресрет на закажаната лидерска средба в среда меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.
Ахмети апелираше до ВМРО-ДПМНЕ да ја согледаат, како што рече, грешката што ја направиле во случајот со Преспанскиот договор и да се солидаризираат кон легитимирање на нацијата и интегрирање на земјата во ЕУ.
„Мислам дека ВМРО ДПМНЕ има толку капацитет и програмски и кадровски за да рефлектираат околу политичките случувања и околу геополитичките прашања кои се важни за државата и за регионот“, изјави Ахмети.
Видете и ова: Ковачевски и Мицкоски на лидерска в средаТој во својот говор на форумот зборуваше и за Фронтот за Европа, и за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, но и за инфраструктурата.
„ Коридорот 8 не е веќе сон, којшто 30 години беше во фиока. Веќе се почати работите за изградбата и за пет години ќе биде завршена и ќе чини од прилика две милијарди евра“, рече Ахмети.
Инаку, претходно вицепремиерот Артан Груби и премиерот Ковачевски во неколку наврати зборуваа дека изградбата на коридорите 8 и 10- д ќе ја чини државата од 1,3 до 1,5 милијарди евра.
Дека изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра потврди и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми. Според изјавите на функционерите проектот треба да биде реализиран до 2027.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во однос на поделбите во партијата и фракцијата на такаречените „огнени “ во ДУИ, Ахмети изјави дека жали за случувањата.
„ Не се во право. Имам душевна болка. Со оваа фракција, тие се во акција, а не како фракција. Јас не сакам сопствените работи да се ставаат над заедничките. Секогаш се дебатирало внатре во ДУИ. Не ти ги решава проблемите комшијата, туку тие проблеми се решаваат дома“, рече Ахмети осврнувајќи се на внатрепартиските состојби.
„Огнените“ фракционери денеска во близината на Домот на културата Иљо Антевдки Смок во Тетово ја одбележаа 21-годишнина од формирањето на ДУИ.
„Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие се незадоволни од актуелните министри во Владата од ДУИ и сметаат дека ја узурпирале партијата со своите одлуки.