Турски војници пристигнаа на Косово за да му помогнат на КФОР

Турски специјални сили пристигнаа на Косово по повик на НАТО

Припадници на турскиот баталјон командоси, чие испраќање беше побарано од НАТО, пристигнаа на Косово поради неодамнешното влошување на безбедносната состојба. Претставник на турското Министерство за одбрана минатата недела изјави дека околу 500 турски војници ќе бидат испратени на Косово.

НАТО во вторникот најави дека ќе испрати 700 дополнителни војници во Косово за да ги засили силите на КФОР, во чиј состав досега беа околу 3.800 војници, вклучително и 350 од Турција. Турскиот баталјон командоси ќе се приклучи на мировната мисија како резервна единица.

Видете и ова: НАТО подготвен да испрати уште војници во Косово


Тензиите на северот на Косово ескалираа на 26 мај, кога специјалните единици на косовската полиција ги окупираа зградите на локалната самоуправа во општините со српско мнозинство, со цел да постават нови градоначалници Албанци, избрани на изборите кои што беа бојкотирани од Србите.

Во насилните судири со етничките Срби пред една недела беа повредени 30 меѓународни војници , 11 Италијанци и 19 Унгарци, а повеќе од 50 демонстранти беа повредени. Повредите со кои се здобија војниците вклучуваат скршеници и изгореници од импровизирани експлозивни запаливи направи.

Во понеделникот, на 29 мај, десетици луѓе од двете страни беа повредени во судирите меѓу силите на КФОР и косовските специјални сили со локалните Срби.