Судот на правдата на Европската унија (СЕУ) на 5 јуни донесе пресуда со која утврди дека реформата на правосудството во Полска од 2019 година го прекршила правото на ЕУ. Претходно Европската комисија, која е извршна власт на Унијата, тврдеше дека полскиот Врховен суд ја нема потребната независност и непристрасност.
„Со денешната пресуда, Судот ја потврдува постапката на Комисијата“, се вели во судското соопштение.
Судот на правдата на Европската унија (СЕУ) го толкува правото на ЕУ за да се осигура дека се применува на ист начин во сите земји на ЕУ и ги решава правните спорови меѓу националните влади и институциите на ЕУ.
Со оваа пресуда Европската унија ја засили борбата за владеење на правото во земјата-членка на Унијата Полска. Одлуката на судот значи потврда дека Варшава одбила да се усогласи со правилата на ЕУ за независност на судството за што веќе изгуби над половина милијарда евра казни.
Видете и ова: Моравјецки: Полска не се плаши од губење на средствата од ЕУМинатата година Полска поднесе официјално барање до Европската унија за суспендирање на казните од 1 милион евра дневно, наметнати од највисокиот суд на Унијата поради неуспехот на Варшава да спроведе судски налог во врска со судските реформи.
Казната беше изречена пред нешто повеќе од една година поради неуспехот на Полска да го распушти дисциплинскиот совет за судии за кој Брисел оцени дека е политизиран. Варшава оттогаш го замени советот со ново тело, но критичарите велат дека проблемот со поткопувањето на независноста на судиите не е решен.