Ковачевски и Мицкоски на лидерска в среда

Лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе се одржи в среда во Клубот на пратениците, соопшти денеска владината прес служба. Во соопштението е наведено дека главна тема на разговор ќе бидат уставните измени со кои Бугарите треба да се вметнат во Преамбулата.

„Ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи“, се вели во владинато соопштение.

Во пресрет на тет-а тет средбата Мицкоски на својот официјален фејсбук профил напиша дека одржувањето на лидерска средба би имало смисла ако од неа произлезе конкретен заклучок.

„Ако имаме лидерска средба без суштина и заклучок, подобро е да ја немаме!“ објави тој на Фејсбук.

Работната група на 26 мај ја усвои Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. Предлогот го достави до Владата која треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела. Во работната група за уставните измени не членуваа претставници на ВМРО-ДПМНЕ, кои се противат на ваквите измени.

Видете и ова: Ковачевски - Ако не се случат уставните измени ќе имаме изолација како таа од 2006 до 2016 та- година

Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.

Во меѓувреме, на потребата од донесување на уставните измени укажуваат претставници на Меѓународната заедница кои во изминатиот период упатуваат пораки дека промената на Преамбулата е гаранција за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и дека целиот процес треба да се демистифицира и преку него нема да се изгуби идентитетот, јазикот или историјата.