Во Варшава протести против високите цени, за слободни избори и ЕУ

Протест на опозицијата против високите цени, слободни избори и ЕУ, Варшава 4 јуни 2023

Половина милион демонстранти се собрале на улиците на Варшава во недела, на 4 јуни, според претставниците на опозицијата во Полска кои ги организираа протестите и тврдат дека денешниот е еден од најголемите собири од ваков тип во последните 30 години, по падот на комунизмот.

Лех Валенса, поранешен полски претседател, добитник на Нобеловата награда за мир и водач на борбата против комунизмот, им се придружи на претставниците на опозицијата на чело на колоната пред парламентарните избори што се очекуваат наесен.

Луѓето пристигнаа од целата земја откако поранешниот премиер Доналд Туск, шеф на центристичката опозициска партија Граѓанска платформа, повика на протест против „високите трошоци за живот, мамењето и лажењето, за демократија, слободни избори и Европската унија“.

Видете и ова: Фон дер Лајен: ЕУ да изврши притисок врз Полска и Унгарија за демократските вредности

Лидерите на повеќето опозициски партии ги охрабрија своите поддржувачи да се приклучат на маршот против националистичката партија „Право и Правда“, предводена од Јарослав Качински.

„Градскиот совет проценува дека бројот на демонстрантите е околу 500 000“, рече портпаролот на организаторот, Јан Грабиец, за АФП.

Облечени во црвено-бели полски бои, демонстрантите носеа табли на кои пишуваше „доста е“, „не за авторитарната Полска“ и ја обвинуваа владејачката партија за високите цени.

Поранешниот шеф на Советот на Европа, Туск се обрати пред насобраните граѓани велејќи дека улогата на опозицијата е „од слично значење“ како во осумдесеттите, во борбата против комунистичките власти во таа земја.

Валенса, лидерот на синдикатот „Солидарност“, долго време беше надвор од политиката.

На демонстрантите им порача дека „трпеливо“ го чека денот кога националистите и Качински ќе бидат отстранети од власт.

„Господине Качински, дојдовме по вас. Тој ден конечно дојде“, рече Валенса.

На денот на протестот, 4 јуни, пред 34 години, во Полска се одржаа првите делумно слободни избори, по што следеше падот на комунизмот во Европа. Во 1990 година, Валенса стана првиот демократски избран претседател на Полска.