Под мотото „Горди и гласни“ годинава Парадата на гордоста ќе се одржи на 24 јуни, најавија на прес-конференција претставници од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Организаторите велат дека напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права.
„Во ваква непријателска средина кога говорот на омраза и насилствата се во пораст, а хомофобијата и трансфобијата стануваат доминанта позиција на носителите на моќ, да се биде Горд и Гласен претставува отпор и протест против системот кој угнетува. ЛГБТИ заедницата минала низ многу тешки периоди, ќе минеме и низ овој само со исправена глава, горди и гласни во остварувањето на нашата визија за свет на еднаквост и просперитет“, истакна Ирена Цветковиќ на денешната прес конференција.
Видете и ова: Правата на ЛГБТИ унапредени, но хомофобијата се уште присутнаНовините во програмата на Скопје Прајд ги соопшти Кочо Андоновски, кој истакна дека Парадата се отвора како платформа за многу други каузи.
„Се отвараме за други групи кои сакаат својата порака да ја пренесат на јавноста. Тие беа присутни и во изминатите години, но тоа не беше организирано и некако се губеа сите тие пораки и транспаренти, така што оваа година ги повикуваме сите оние кои имаат свои кампањи, различни активности и сакаат да бидат препознаени со своите пораки и свои обележја да ни се јават“, рече Андоновски.
Протестот ќе почне во паркот „Жена-борец“, со собирање на учесниците, а во 19 часот по кратки поздравни говори, ќе почне протестниот марш по скопските улици според истата рута како и минатите години. Маршот ќе заврши со културно-музичката програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.