ЕУ подготвена на одлучни мерки ако не се смири ситуацијата во Косово

илустрација

Неуспехот да се смири ситуацијата на северот на Косово ќе има негативни последици, а Европската унија е подготвена да спроведе решителни мерки во оваа прилика, се вели во соопштението на 27-те земји-членки на ЕУ, објавено на 3 јуни 2023 година.

„Очекуваме Косово да дејствува на начин што не ескалира и веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово“, се вели во соопштението.

Се додава дека новоизбраните градоначалници покрај во општинските згради привремено треба да ги извршуваат своите должности и во други простории, а што поскоро да се распишат и предвремени избори.

„Очекуваме учество на косовските Срби на овие избори“, се вели во изјавата што портпаролот на ЕУ Петер Стано ја објави на Твитер.


Политичките претставници на српската заедница во Косово ги бојкотираа вонредните локални избори на 23 април, на кои беа избрани градоначалници заедно со албанската заедница во четири општини на северот на Косово.

Европската унија изрази загриженост за статусот на највисоката борбена готовност на српските вооружени сили.

„Ги повикуваме и Косово и Србија веднаш и безусловно да преземат мерки за деескалација, да престанат да ја користат реториката на поделба и да се воздржат од какви било понатамошни некоординирани дејства. Итно е да се врати мирот“, се наведува во соопштението од земјите членки на ЕУ.

Видете и ова: Турција испраќа војници на Косово во рамки на мисијата на КФОР

Србија и Косово се поканети што поскоро да се вклучат во дијалогот што го води ЕУ, што значи, според најавата, почеток на работата за формирање Заедница на општини со српско мнозинство „без натамошно одлагање или предуслови“.

Новоизбраните градоначалници од албанска националност во петокот на 26 мај влегоа во општинските згради во три општини на северот.

На 29 мај протестот прерасна во насилство меѓу членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и демонстрантите. За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.

Насилството го натера НАТО да испрати дополнителни 700 војници на Косово, покрај 4.000-те што веќе се во земјата.

„Европската унија силно го осудува насилството врз граѓаните, војниците на КФОР, органите на редот и медиумите на северот на Косово. Насилството можеше да се избегне и мора да се избегнува во иднина“, соопштуваат од ЕУ.

Од почетокот на тензиите, меѓународната заедница континуирано апелира да се преземат чекори за смирување на ситуацијата.

Косовската претседателка Вјоса Османи и косовскиот премиер Албин Курти дадоа индикации дека може да се распишат нови избори за четирите општини на север. Во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, групи граѓани од вторник, 30 мај, секојдневно протестираат против новоизбраните градоначалници Албанци на општините.