Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган положи заклетва за трет мандат како претседател, ветувајќи дека ќе служи „непристрасно“ по победата на вториот круг на изборите за продолжување на неговото дводецениско владеење.
На инаугурацијата во парламентот која е проследена со раскошна церемонија во неговата палата во главниот град Анкара, присуствуваат десетици светски лидери.
„Како претседател, се колнам во мојата чест и интегритет, пред големата турска нација дека ќе работам со сета моја моќ за да го заштитам постоењето и независноста на државата и да ја исполнувам мојата должност непристрасно“, рече Ердоган во турскиот парламент.
Поддржувачите во парламентот го поздравија со овации, додека некои опозициски пратеници одбија да станат додека тој положуваше заклетва.
Ердоган вети и дека нема да отстапува од владеењето на правото и секуларните принципи на републиката основана од Мустафа Кемал Ататурк пред 100 години.
Ердоган освои 52,1 отсто од гласовите, а неговиот секуларен ривал Кемал Киличдароглу 47,9 отсто, покажуваат официјалните резултати.
Видете и ова: Ердоган прогласи победа во вториот круг од изборите во ТурцијаТурскиот лидер со најдолг стаж се соочува со непосредни и големи предизвици во третиот мандат поттикнати од забавената економија и тензиите во надворешната политика со Западот.
Решавањето на економските проблеми во земјата ќе биде приоритет на Ердоган кој треба да се справи со инфлација од 43 отсто, делумно поради неговата неортодоксна политика на намалување на каматните стапки за да се поттикне растот.
Доцна вечер, претседателот треба да го претстави својот нов кабинет, а медиумите шпекулираат дека улога би можел да има поранешниот министер за финансии Мехмет Шимшек, компромисна личност со меѓународен статус.