Турција планира да испрати војници во Косово во недела и понеделник како одговор на барањето на НАТО да се приклучи на мировните сили, КФОР, по немирите во северно Косово, објави денеска турското Министерство за одбрана.
Во соопштението, Министерството повика на воздржаност и конструктивен дијалог за решавање на кризата, која, според турските власти, може да ја загрози регионалната стабилност и безбедност.
„Нашите единици планираат да се ангажираат на Косово од 4 до 5 јуни“, соопшти Министерството.
Во меѓувреме четири невладини организации кои ги штитат правата на српската заедница во Косово - NSI, InTER, Aktiv и ACDC, упатија јавно писмо до Европската Унија, Соединетите Држави, Германија, Франција, Италија и Велика Британија, барајќи заштита на Србите во Косово.
Во „Апелот за мир“, кој го потпишаа повеќе од 100 лица од северот на Косово, овие организации изразија загриженост за, како што рекоа, „репресивната и агресивна акција на Владата на Косово и однесувањето на специјалните полициски сили на северот на Косово“.
Видете и ова: Ситуацијата во Звечан мирна, протестите продолжуваатТие порачаа дека повикуваат на мир, како и на исполнување на нивните барања, меѓу кои се: повлекување на специјалните полициски единици од северот на Косово, отстранување на новите градоначалници Албанци од општинските згради во северните општини, распоредувањето на КФОР и ЕУЛЕКС на север, со цел да се гарантира безбедноста, формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово и организирање нови избори на северот.
Од 26 мај локалните Срби редовно протестираат во општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток со цел да се спротивстават на влегувањето на новите албански градоначалници во општинските згради.
На 29 мај демонстрантите се судрија со војниците на мировната мисија на НАТО - КФОР во Звечан. Тогаш 30 војници на мировните сили на НАТО, КФОР, беа повредени за време на конфликтот меѓу демонстрантите и органите на редот.