Иран планира формирање поморски сојуз со земји од Заливот

илустрација, знамето на Иран

Иран, Саудиска Арабија и три други земји од Заливот планираат да формираат нов поморски сојуз, објавија денеска иранските медиуми. Преостанатите три земји од Заливот кои ќе учествуваат во алијансата се Обединетите Арапски Емирати, Катар и Бахреин.

Покрај тоа, во Алијансата се планира да учествуваат и Ирак, Индија и Пакистан.

„Земјите од регионот денес сфаќаат дека само со меѓусебна соработка можат да ја гарантираат регионалната безбедност“, се вели во соопштението на командантот на иранската морнарица Шахрам Ирани.

Командантот на иранската морнарица не даде детали каков точно ќе биде механизмот на дејствување на Алијансата, но истакна дека таа ќе биде формирана наскоро.

Иран неодамна се обиде да ги поправи заладените врски со неколку арапски земји од Заливот.

Видете и ова: Иранска делегација во Саудиска Арабија за повторно отворање на амбасадата

Во март, Саудиска Арабија и Иран ставија крај на седумгодишното непријателство, со посредство на Кина, нагласувајќи ја потребата за регионална стабилност и економска соработка.

Зближувањето на Саудиска Арабија со Иран ги спречи напорите на Израел дипломатски да го изолира Иран, оценува Ројтерс.

ОАЕ, првата арапска земја од Персискиот залив што потпиша договор за нормализација со Израел во 2020 година, ги обнови формалните односи со Иран минатата година.

Бахреин и Мароко подоцна им се приклучија на ОАЕ во воспоставувањето врски со Израел.