Украинската противвоздушна одбрана собори 15 крстосувачки ракети и 18 ирански беспилотни летала Шахед кои Русија ги истрела кон Киев, соопшти Генералштабот на украинските сили. Украинската армија и градското собрание на Киев не известија за жртви.
Руските интензивни ракетни и беспилотни напади врз целата територија на Украина доаѓаат во време кога се очекува да започне украинска контраофанзива на фронтот. Властите во Киев со месеци известуваат за таков потег.
Пред еден ден, по нападот на Киев, загинаа три лица, меѓу кои и едно дете.
Видете и ова: Русија тврди дека одбила украински напад, нов удар со дронови врз КиевДенеска, 2 јуни, пет експлозии се слушнале во рускиот град Курск. Ова го известуваат локалните жители во каналите на Телеграм. Малку подоцна гувернерот на руската област Роман Старовоит објави дека нападите се резултат на украински напад.
„Неколку украински беспилотни летала беа соборени од воздушната одбрана во близина на Курск“, рече тој, опишувајќи го нападот како „уште еден“ од Украина. Тој додаде дека во некои делови од градот е прекинато снабдувањето со електрична енергија.
Од почетокот на инвазијата, официјални лица од регионите на Русија кои се граничат со Украина често известуваат за напади. Од оваа територија често се вршат бомбашки напади врз Суми, Чернихив, Харкив и други делови на украинската територија.