Одржување на нови избори на северот на Косово, обезбедување учество на Србите во нив и формирање на Заедница на српски општини се нашите „три јасни барања“, изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел.
Тој во објава на својот Твитер профил наведе дека доколку тоа не се направи ќе има сериозни последици за односите со ЕУ. Високиот претставник изјави дека овие барања биле соопштени на средбата со претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Вјоса Османи.
Како што пренесуваат новинските агенции, тој објавил дека на самитот на европските лидери во Молдавија разговарал со Вучиќ и Османи за „опасната ситуација на Косово“.
Во северно Косово петти ден Србите протестираат против стапувањето на функција на албански градоначалници во општините со мнозинско српско население. на 29 мај имаше и жестоки судири во кои имаше повредени и демонстранти и припадници на КФОР и на косовската полиција. Последните неколку протести поминаа мирно. Западот го зголемува притисокот врз Приштина, а спрскиот претседател Александар Вучиќ се обврза да направи се за смирување на ситуацијата.