Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) тврди дека илјадници мобилни телефони од брендот Ајфон на руски дипломати во странски земји претрпеле масовен хакерски напад. Во соопштението на 1 јуни е наведено дека хакерите наводно ги нападнале „Ајфоните“ на дипломатите кои работат во руските амбасади и конзулати во земјите кои се членки на НАТО, поранешните советски републики, како и во Кина, Израел и Сирија.
Во соопштението не се дадени никакви детали или докази за наводниот сајбер напад, само се вели дека „непозната“ апликација која цели на ранливи делови на оперативниот систем iOS била користена од хакерите.
„Информациите добиени од руските специјални служби укажуваат на блиска соработка меѓу американската компанија Apple со националната безбедносна заедница, поточно со американската Агенција за национална безбедност (НСА) и потврдува дека декларираната политика за обезбедување доверливост на личните податоци на корисниците на Уредите на Apple не соодветствуваат на реалноста“, се вели во соопштението на ФСБ, без да се даде каква било информација за поткрепа на тврдењето.
Видете и ова: Кина и Русија споделувале тактики за цензура на интернетотОд американската компанија „Apple“ и американската Агенција за национална безбедност сè уште не ја коментираат изјавата на руската федерална служба.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите во Москва посочи дека соопштението на ФСБ „заслужува внимание иако нема овластување“ да се ограничи употребата на iPhone од страна на официјални лица.
Песков додаде дека додека некои од функционерите на Кремљ користат „iPhone“, почнале да ги заменуваат своите телефони со други брендови.
Руските медиуми во март објавија дека на некои руски функционери, наводно, им било кажано да ги отфрлат своите телефони од брендот Ајфон поради безбедносни ризици. Ајфон и НСА претходно се судрија околу обезбедувањето на таканаречената задна врата за да се овозможи пристап до податоците на корисниците. Компанијата таквите барања жестоко ги одби.
Видете и ова: 120 години хакерски напади: Од 1903 до војната во УкраинаВо 2021 година, беше регистриран масовен упад во производите на „Apple“ преку шпионската програма Пегазус, создадена од израелската компанија, „NSO Group“. Програмата ја користеа разузнавачите на други земји. „Apple“ ја тужеше NSO Group.
„Apple“ ја запре директната продажба на „iPhone“ телефони во Русија минатата година поради целосната инвазија на Кремљ на соседна Украина. Сепак, сè уште постојат легализирани програми за увоз за внесување на телефоните во земјата и нивно продавање без дозвола на компанијата.