Американскиот државен секретар Антони Блинкен на 1 јуни ги повика косовските и српските лидери да ги намалат тензиите, предупредувајќи дека ги ставаат на ризик аспирациите за европска интеграција.
„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да преземат итни чекори за деескалација на тензиите“, изјави Блинкен за новинарите пред состанокот на министри за надворешни работи на земји членки на НАТО во Осло.
„Ние го поддржуваме процесот на евроатлантска интеграција на Косово и Србија. Но, сегашната ескалација ги попречува наместо да им помага на напорите да се движат во таа насока“, додаде тој.
Соединетите Американски Држави претходно го критикуваа Косово, долго поддржано од Вашингтон, откако премиерот Албин Курти продолжи да поставува градоначалници етнички Албанци по бојкотот на локалните избори од српските гласачи во северните области каде што тие се мнозинство.
„Бевме многу јасни во нашата загриженост за некои од неодамнешните дејствија што беа преземени. Тоа им го кажавме директно на инволвираните лидери, вклучително и премиерот Курти“, рече Блинкен.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Блинкен предупреди на „еднострани дејствија“ од која било страна, откако и Србија ја стави својата војска во состојба на готовност.
Тој рече дека европската иднина ќе ги исполни „аспирациите на луѓето во двете земји“.
„Ако која било земја презема чекори кои всушност ја прават подалечна перспектива, тоа всушност нема да им служи на интересите на нивниот народ“, рече тој.
Етничките Срби повторно се собраа на 1 јуни во градот Звечан, каде што имаше жестоки судири на 29 мај, но денеска во помал број од претходните денови. Собири има и во другите општини на северот на косово.
Најголемата косовска српска партија најави дека ќе ги продолжи протестите поради присуството на градоначалниците во општините со мнозинско српско население, кои неодамна беа избрани на гласање кое го бојкотираа етничките Срби.