Бектеши- Нема гаранции само ветување дека нема да поскапи храната која до вчера имаше „замрзнати цени“

Архивска фотографија, министерот за економија Крешник Бектеши

Нема гаранција дека производите кои до вчера имаа замрзнати цени, регулирани со владините мерки, нема да поскапат, изјави на 1 јуни министерот за економија, Крешник Бектеши по средбата со босанскиот колега, министерот за надворешна трговија Сташа Кошарац. Бектеши истакна дека од компаниите добил ветување дека тоа нема да се случи и дека во случај да се забележат неправилности, односно да се претера со цените, тогаш ќе се реагира.

„Нема да продолжи мерката за замрзнување на цените на земјоделските производи, имајќи предвид дека цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, така што очекуваме во јуни инфлацијата во земјата да биде пониска од десет насто“, одговори Бектеши на новинарско прашање.

Видете и ова: ФАО - Цените на храната на светско ниво паднаа, но не и на домашните пазари

Бектеши додаде дека доколку се забележи злупотреба од трговците, ќе бидат спроведени соодветни мерки.

„ Согласно последните податоци, инфлацијата оваа година ќе биде под проектираното ниво. Во делот на различни мерки, ние на дневна база правиме анализи и секогаш може да се усвојат, тоа ќе го правиме секако во соработка со стопанските комори“, рече Бектеши.

Опозицијата обвинува дека власта не се справи со кризата и дека наместо реални мерки, владата прибегнала кон полурешенија.

„Апелираме власта да не ги одмрзнува цените, т.е. да го продолжи рокот на замрзнати цени. Народот не треба да ги плаќа грешките и криминалите на власта“, се вели во соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

На почеток на април беа замрзнати цените 11 производи овошје и зеленчук, за да се сопре ценовен шок. Мерките важеа до вчера. Од сега, маркетите можат да ги корегираат по сопствена желба. Владата најави дека будно ќе ја следи состојбата.