Американскиот Претставнички дом со големо мнозинство го одобри пакетот за лимитот на долгот и буџетот доцна на 31 мај, кој беше дел од Договорот меѓу претседателот Џо Бајден и спикерот Кевин Мекарти за брзо усвојување пред истекот на крајниот рок. Следен чекор е усвојување на овој пакет во Сенатот.
Тешко извојуваниот компромис задоволи малкумина, но законодавците оценија дека тој е подобар од алтернативата - катастрофален економски пресврт доколку Конгресот не реагира, јавува новинската агенција Асошиетет прес.
Во Домот пакетот помина во тензична атмосфера затоа што цврсто десничарските републиканци го одбија договорот, но Бајден и Мекарти собраа двопартиска коалиција за да извршат притисок за усвојување со силно мнозинство од 314 наспроти 117 доцна на 31 мај.
„Ние завршивме прилично добра работа “, изјави Мекарти, Р-Калифорнија.
Во услови на длабоко незадоволство од републиканците кои рекоа дека ограничувањата за трошење не одат доволно далеку, Мекарти рече дека тоа е само „прв чекор“.
Вашингтон брза по долгата дебата да ја заврши работата на пакетот за да се осигура дека владата може да продолжи да ги плаќа сметките и да спречи финансиски потреси дома и во странство.
Видете и ова: Што значи „плафонот“ во задолжувањето на САД?Вашингтон редовно поставува ограничување на федералното задолжување. Во моментов, задолжувањето е приближно на 120% од годишното економско ниво на земјата. Задолжувањето го достигна тој плафон во јануари и Министерството за финансии ги задржа обврските само во рамките на лимитот и ги суспендира инвестициите во некои федерални пензиски фондови додека продолжи да позајмува од инвеститорите.
Бајден инсистираше Конгресот да го подигне сегашниот плафон на долгот од 31,4 билиони долари, без дополнителни услови.
Мекарти и републиканците во Конгресот повикаа на значително намалување на идните владини трошоци во замена за зголемување на плафонот на долгот за една година. Тоа сценарио ќе бара нова рунда преговори за плафонот на долгот во раните фази на претседателските прелиминарни избори во 2024 година.