НАТО подготвен да испрати уште војници во Косово

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

НАТО е подготвен да испрати повеќе војници во Косово за да помогне во смирувањето на насилството на северот на оваа земја, каде што мнозинството се етнички Срби, изјави на 1 јуни шефот на Алијансата, Јенс Столтенберг. Тој најави дека првите 700 војници веќе се на пат за Косово.

„НАТО ќе остане буден. Ќе бидеме таму за да обезбедиме безбедна средина, како и да ги смириме и намалиме тензиите“, изјави Столтенберг за новинарите на пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло.

Видете и ова: На самитот на ЕУ ќе се разговара и за Косово каде што и денеска има собирања


Тензиите во северно Косово се зголемија на 26 мај, кога косовската полиција им помогна на албанските градоначалници на општините со мнозинско српско население да влезат во општинските канцеларии, и покрај отпорот на локалното население.

НАТО одлучи да ја зголеми својата мисија од 4.000 војници на Косово за дополнителни 700 војници, откако 30 нејзини мировници беа повредени за време на судирите со српските демонстранти во општина Звечан на 29 мај.

Столтенберг рече дека насилството врз војниците на НАТО е „целосно неприфатливо“.