Лидерите на Европската унија, на самитот во Кишињев, Молдавија, треба да разговараат за ситуацијата во Косово на 1 јуни, како дел од меѓународните напори да се стави крај на кризата.
Етничките Срби повторно се собраа на 1 јуни во градот Звечан, поприштето на жестоки судири на 29 мај, но денеска во помал број од претходните денови. Собири има и во другите општини на северот на косово.
Најголемата косовска српска партија најави дека ќе ги продолжи протестите поради присуството на градоначалниците во општините со мнозинско српско население, кои неодамна беа избрани на гласање кое го бојкотираа етничките Срби.
Видете и ова: Борел: Ситуацијата во северно Косово е опасна
За време на самитот на лидерите на ЕУ и нивните партнери што се одржува во Молдавија, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, се очекува таму да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовската претседателка Вјоса Османи.
Лидерите на Франција и Германија, исто така, најавија дека планираат да се сретнат со највисоките претставници на Србија и Косово на самитот во Молдавија.
На 31 мај, Борел и претставникот на ЕУ за дијалогот Косово-Србија се сретнаа со косовскиот премиер Албин Курти на маргините на безбедносната конференција во Братислава.
Сегашната ситуација е опасна и неодржлива“, напиша Борел на Твитер. „Потребна ни е итна деескалација и решение преку дијалогот за да се вратиме на нашата работа за спроведување на постигнатиот Договор.