Од Пендиков до Ѓоковиќ

МАКЕДОНИЈА - Цената на струјата би можела да се зголеми за 13 проценти доколку Регулаторната комисија за енергетика(РКЕ) ги прифати сите барања за цената на струјата, изјави за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимовски. РКЕ во наредниот период ќе ги анализира барањата, а одлуката ќе ја соопшти околу 20 следниот месец.

СРБИЈА - Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во четврток, на 1 јуни, во главниот град на Молдавија, Кишињев, ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дознава Радио Слободна Европа. Во четврток во Кишињев се одржува самитот на Европската политичка унија, а на маргините на оваа средба ќе се одржи и средбата меѓу Борел и Вучиќ.

ГЕРМАНИЈА - Германија денеска објави дека и наредила на Русија да затвори четири од нејзините пет конзулати во државата како соодветна мерка откако Москва воведе ограничување на бројот на вработени во Германската амбасада. Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи Кристофер Бургер изјави дека по крајот на годината на Русија ќе и биде дозволено да ја задржи својата Амбасада во Берлин и уште еден Конзулат.

САД - Амбасадорот на Соединетите Држави во Србија, Кристофер Хил изјави дека Косово ќе ги сноси последиците поради постапките на Владата на Косово.
„Многу јасно и ставивме до знаење на Приштина дека сме апсолутно против потезите на владата на Курти. Секретарот Бликен исто така беше многу јасен дека тоа ќе има последици за односите со Приштина“, рече Хил во изјавата за новинарите во Белград.

ЕУ - Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел изјави дека моменталната ситуација на северот на Косово е опасна и нестабилна. Оваа изјава следува по неговата средба со албанскиот премиер Албин Курти во Братислава.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека на средбата со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ќе се разговара за две работи - за одлуките потребни за европската интеграција на државата и за добрососедските односи.

КОСОВО - Косовскиот олимписки комитет побара од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) да отвори дисциплинска постапка против српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ по неговата порака за Косово за време на турнирот во Ролан Гарос. Од МОК засега не реагираат. Истовремено, француската министерка за спорт денеска го оцени како непримерен, „милитантен и многу политички“ чинот на Ѓоковиќ по мечот на Ролан Гарос во Париз, во кој се наведува дека „Косово е срцето на Србија“.

ХОЛАНДИЈА - Поранешните шефови на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, се осудени на по 15 години затвор. Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови во Хаг донесе правосилна пресуда со која ги прогласи за виновни за злосторствата во Бјелина, Зворник, Добој, Трново и Сански Мост.

СУДАН - Суданската војска го прекина учеството во разговорите за прекин на огнот со посредство на Соединетите Држави и Саудиска Арабија, обвинувајќи ги своите паравоени непријатели дека не ги почитуваат своите обврски. Преговарачите во саудискиот град Џеда на Црвеното Море ги признаа повторените прекршувања на примирјето од двете страни, но досега се воздржуваа од наметнување какви било санкции со надеж дека ќе ги задржат завојуваните страни на преговарачка маса.

МАКЕДОНИЈА - Само што почна, судењето за претепувањето на Христијан Педников во Охридскиот суд, се одложи. Причина за одложување на рочиштето е новиот доказ против обвинетиот Илија Спасевски, кој охридското Обвинителство го достави до судот. Одбраната побара повеќе време за проучување на доказот, но откако судијата тоа не го дозволи, адвокатите на обвинетиот ја напуштија салата, а судењето без нив не можеше да продолжи.

САД - Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека „дојде време“ Турција да се откаже од своите приговори за членството на Шведска во НАТО. Од друга страна, додаде дека и администрацијата на американскиот претседател смета дека Турција треба да добие борбени авиони Ф-16 „што е можно поскоро“.