Утре средба Борел-Вучиќ во Кишињев

Жозеп Борел и Александар Вучиќ

Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во четврток, на 1 јуни, во главниот град на Молдавија, Кишињев, ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дознава Радио Слободна Европа.

Во четврток во Кишињев се одржува самитот на Европската политичка унија, а на маргините на оваа средба ќе се одржи и средбата меѓу Борел и Вучиќ.

Денеска пак во Братислава, Борел се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти. По разговорот, тој оцени дека ситуацијата на северот на Косово е „опасна и неодржлива“ и дека е потребна итна деескалација и решение преку дијалог.

Претходно беше најавено дека во Молдавија би можел да отпатува и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, но според информациите, најверојатно, Лајчак ќе разговара со лидерите на Косово и Србија кога ќе ги посети Приштина и Белград во наредните денови.

Видете и ова: Косовските Срби ги продолжуваат протестите на северот

Косовскиот премиер Албин Курти денеска даде кратко интервју за РСЕ во Братислава, по средбата со Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.

На прашањето на РСЕ како помина средбата со европските претставници, косовскиот премиер рече дека „средбата била важна“.

Курти во Братислава изрази подготвеност почесто да се среќава со српскиот претседател, но предупреди дека Александар Вучиќ не сака нормализација на односите.

„Имаме договор - само треба да го спроведеме. Претседателот на Србија вели ДА за договорот за да не го потпише, а сега се кае што кажа да“, рече Курти.

Од 26 мај на северот на Косово се зголемија тензиите, од тој ден новите лидери на Звечани, Лепосавиќ и Зубина Поток - сите Албанци, влегоа во општинските згради под придружба на косовската полиција.

Во судирите со српските демонстранти во Звечан на 29 мај, беа повредени 30 припадници на мисијата на НАТО на Косово, КФОР.

Изборите на 23 април беа бојкотирани од Српската листа и мнозинското српско население на северот, кои сега не ги прифаќаат резултатите, односно новите претседатели.