Амбасадорот Хил предупреди дека Приштина ќе ги сноси последиците

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил

Амбасадорот на Соединетите Држави во Србија, Кристофер Хил изјави дека Косово ќе ги сноси последиците поради постапките на Владата на Косово.

„Многу јасно и ставивме до знаење на Приштина дека сме апсолутно против потезите на владата на Курти. Секретарот Бликен исто така беше многу јасен дека тоа ќе има последици за односите со Приштина“, рече Хил во изјавата за новинарите во Белград.

Американскиот амбасадор предупреди дека не смее да се изгуби компасот и насоката на движење, наведувајќи дека тоа е бриселскиот дијалог, формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство и дека регионот треба да продолжи со евроинтеграциите.

Од 26 мај на северот на Косово се зголемија тензиите, а од тој ден новите лидери на Звечани, Лепосавиќ и Зубина Поток - сите Албанци, влегоа во општинските згради под придружба на косовската полиција.

Видете и ова: Косовските Срби ги продолжуваат протестите на северот

Во екот на зголемените тензии на северот на Косово, српскиот претседател Александар Вучиќ издаде наредба да се подигне борбената готовност на српската армија на највисоко ниво.

Истиот ден, секретарот Блинкен рече дека одлуката на Владата на Косово насилно да влезе во општинските згради на север е донесена „против советите“ на САД и европските партнери и дека „непотребно ги ескалира тензиите“.

Американскиот амбасадор на Косово, Џефри Ховениер, изјави дека Владата на Косово не се координирала со САД за акциите преземени на северот и затоа ги претрпела првите последици - откажувањето на учеството во вежбите „Дифенд Европа 2023“.

На 29 мај, 30 членови на мисијата на НАТО на Косово, КФОР, беа повредени за време на судирите со српските демонстранти во Звечан.

Владата на Косово претходно ја бранеше својата одлука да ги одведе новите градоначалници во општинските згради, а го обвини Белград за „водење на екстремистичката толпа“ за насилството во Звечан.

Земјите од Квинтата (САД, Франција, Италија, Германија и Обединетото Кралство) изразија загриженост за локалните избори одржани на северот на Косово на 23 април и рекоа дека тие не претставуваат одржливо долгорочно политичко решение за вклучените општини, поради бојкотот на српската заедница.