Струјата ќе поскапи 13 проценти ако РКЕ ги прифати барањата од компаниите

претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

Цената на струјата би можела да се зголеми за 13 проценти доколку Регулаторната комисија за енергетика(РКЕ) ги прифати сите барања за цената на струјата, изјави за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

РКЕ во наредниот период ќе ги анализира барањата, а одлуката ќе ја соопшти околу 20 следниот месец.

Бислимовски соопшти дека Електродистрибуција има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32 проценти, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3 проценти, а МЕПСО како оператор на преносниот систем од 53,51 процент.

„Доколку ги прифатиме сите овие барања тогаш би значело зголемување на цената на електрична енергија од 12,75 проценти, односно од 13 проценти. Ќе видиме дали е тоа прифатливо за нас или не. И претходно кажав не сум баш приврзаник за промени на цената на електричната енергија сега“, рече Бислимовски.

Видете и ова: Зошто може да се врати евтината струја преку ден?

Барање нема доставено само ЕВН Хоум поради тоа што не знае која ќе биде цената по која ќе ја набави од ЕСМ, повластените производители и ако има потреба од слободниот пазар.

РКЕ ќе информира во наредните денови на што се темелат барањата за зголемување на цената, а како што вели Бислимовски, најверојатно е заради зголемени трошоци во работењето.

Прашан за влијанието на враќањето на стапката на ДДВ од 18 проценти во цената на струјата, повтори дека РКЕ носи одлуки без ДДВ и оти ќе се задржи на делот што го регулираат.