Војската на Судан ги напушти преговорите за примирје

Суданскиот генерал Абдел Фатах ал-Бурхан стои меѓу војниците, на неоткриена локација, 30 мај 2023 година

Суданскиот генерал Абдел Фатах ал-Бурхан стои меѓу војниците, на неоткриена локација, 30 мај 2023 година

Суданската војска го прекина учеството во разговорите за прекин на огнот со посредство на Соединетите Држави и Саудиска Арабија, обвинувајќи ги своите паравоени непријатели дека не ги почитуваат своите обврски.

Преговарачите во саудискиот град Џеда на Црвеното Море ги признаа повторените прекршувања на примирјето од двете страни, но досега се воздржуваа од наметнување какви било санкции со надеж дека ќе ги задржат завојуваните страни на преговарачка маса.

Армијата ги напушти разговорите „затоа што бунтовниците никогаш не спроведоа ниту една од одредбите на краткорочниот прекин на огнот што бараше нивно повлекување од болниците и станбените згради“, рече претставник на суданската влада, кој сакаше да остане анонимен.

Војската рече дека паравоените сили за брза поддршка (РСФ), исто така, „постојано го прекршувале прекинот на огнот“, додаде официјалниот претставник.

Видете и ова: Договор за седумдневен прекин на огнот во Судан

Американските и саудиските посредници доцна во понеделникот изјавија дека завојуваните страни се согласиле да го продолжат за пет дена хуманитарното примирје што често го прекршувале во текот на изминатата недела.

Медијаторите признаа дека примирјето е „несовршено почитувано“, но рекоа дека продолжувањето „ќе ги овозможи понатамошните хуманитарни напори“. Сепак, и покрај ветувањата на двете страни, борбите повторно се разгореа во вторникот и во поширокиот Картум и во западниот дел на Дарфур.

„Армијата е подготвена да се бори до победа“, рече началникот на армијата Абдел Фатах ал Бурхан за време на посетата на војниците во главниот град.

РСФ, предводена од поранешниот заменик на Бурхан, Мохамад Хамдан Дагл, соопшти дека „ќе го искористи своето право да се брани“ и ја обвини армијата за прекршување на примирјето.

Двете страни меѓусебно се обвинија за обид за преземање на власта на почетокот на конфликтот на 15 април. Договорот за прекин на огнот ги зголеми надежите за прекин на војната која протера речиси 1,1 милион луѓе од своите домови, вклучително и повеќе од 250.000 кои побегнаа во соседните земји, заканувајќи се да го дестабилизира тој регион.