Како одговор на немирите на северот на Косово и ранувањето на 30 припадници на КФОР, Северноатлантската алијанса одлучи да ги ангажира резервните оперативни сили за Западен Балкан, кои беа во состојба на подготвеност за ангажман.
НАТО оваа одлука ја објави на Твитер.
Во понеделникот војниците на КФОР се судрија со српските демонстранти во Звечан, кои се противат на влегувањето на новите албански градоначалници во општинските згради.
Како што соопшти НАТО, донесена е одлука за зголемување на бројот на силите, за да може КФОР да гарантира безбедност, согласно својот мандат.
Адмирал Стјуарт Б. Мунш, командант на силите на НАТО во Неапол, ги пофали војниците на КФОР за нивната брза и воздржана реакција за да се спречат немири и да се спасат животи.
„Насилството мора да престане, а сите страни мора да избегнуваат акции кои го поткопуваат мирот во Косово“, рече Мунш.