Повеќе од 50 пациенти со мултипла склероза се на листата на чекање за терапија

Илустративна фотографија

Повеќе од 50 пациенти со мултуипла склероза се на листата на чекање за терапија, ова денеска го изјави претседателката на Националното здружение за мултипла склероза, Ана Карајанова Димитрушева на одбележувањето на светскиот ден на ова зболување.

Димитрушева нагласи дека е неопходен поголем буџет и ажурирање на позитивната листа на лекови.

„Ги поздравувам заложбите на здравствените власти во соработка со тимот од Универзитетска клиника за неврологија, за зголемување на бројот на лица со мултипла склероза кои примаат ефикасна терапија во изминатиот период, но и покрај тоа соочени сме со недостапност на оваа терапија за голем број пациенти со мултипла склероза, кои веќе се поставени на терапија. Во слична ситуација се и оние кои чекаат со месеци, да добијат современ третман“, истакна таа, нагласувајќи дека причината е во недоволниот буџет.

Видете и ова: Асоцијација за цистична фиброза: нема прогрес во набавката на лекот трикафта

Министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека министерството е отворено за унапредување на третманот и здравствената заштита на овие лица.

„Со задоволство може да кажеме дека во Северна Македонија покриеноста со лекови за мултипла склероза е меѓу највисоките од земјите на Балканот. Министерството за здравство е отворено за комуникација и соработка, со цел заеднички да се заложиме за унапредување на третманот и здравствената заштита на овие лица“, нагласи министерот.

Според статистиките, во земјава има околу 1.500 лица со мултипла склероза.