Лајчак и Ковачевски повикаа на итна деескалација на Косово

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, од Братислава повикаа на итна деескалација на ситуацијата во Косово и враќање на мирот и стабилноста.

Како што соопшти Владата на РСМ, Ковачевски и Лајчак се сретнале во Братислава на 29 мај, на маргините на Глобалниот безбедносен форум ГЛОБСЕК 2023.

Ковачевски, како што е наведено, повторил дека Северна Македонија поддржува континуирана соработка и координација со НАТО и ЕУ во регионот во насока на консолидација на стабилноста и забрзување на евроатлантските интеграции на Западен Балкан.

На средбата со Лајчак, Ковачевски ја истакна посветеноста на Владата на Северна Македонија да придонесе за подобрување на регионот, како и за неговиот мир и стабилност.

Видете и ова: Продолжуваат протестите на северот на Косово, КФОР ја обезбедува општинската зграда во Звечан

Северна Македонија, како што рече Ковачевски, е цврсто решена да ги зајакне и подобри добрососедските односи и да се етаблира преку дијалог и соработка меѓу државите како земја која е фактор на стабилност во регионот.

На средбата, Ковачевски истакна дека брзото членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ ќе ги спречи чувствителните точки во регионот да ја нарушат безбедноста и стабилноста, а со тоа и да го инхибираат економскиот развој на регионот.

Според планот, премиерот на Северна Македонија ќе се сретне и со францускиот претседател Емануел Макрон на дводневниот безбедносен состанок во Братислава.

Во исто време Лајчак ќе се обиде да организира средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти (Албин) во Братислава, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од дипломатски извори.

Сепак, овие извори предупредуваат дека без разлика на волјата на европските посредници, мали се шансите за средба бидејќи страните не се подготвени за тоа.

По почетокот на тензиите на северот на Косово на 26 мај, Србија ја подигна борбената готовност на својата армија на највисоко ниво и распореди воени единици на позициите во близина на границата со Косово.