Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не очекува големи осцилации и зголемување на цените на прехранбените производи, по нивното одмрзнување што треба да стапи во сила задутре, но најавува дека Владата ќе ја следи состојбата за да реагира ако евентуално се случи тоа.
„Сите предуслови за да останат цените на исто ниво, а можеби дури и да бидат помали се направени, сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените сега ги нема, а електричната енергија не е на цената на којашто беше. Цената на суровини на светските берзи е намалена. Тоа значи дека и тие што произведуваат, но и тие што тргуваат, имаат услови реално да ги задржат намалените цени, како што беа замрзнатите цени, дури и да бидат намалени. Ние видовме дека на пазарот со зеленчук, природно се намалија дури за 40 проценти од замрзнатите цени и затоа одлуката е да се одмрзнат“, изјави денеска Битиќи.
Минатата недела, како што информираше Битиќи, имале состонок во Стопанската комора, а убедувањето, како што рече, е дека ќе нема големи осцилации, односно наплив на зголемување на цени.
Од четврток (1 јуни) повеќе нема да важи мерката на владата за замрзнати цени на дел од земјоделски производи, но и за белиот и полубелиот леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините, млекото и млечните проиозводи, а се одмрзнуваат и цените на хигиенските производи, како пелените, тоалетната хартија, влажните марамчиња, хигиенските влошки.