Северна Кореја го потврди лансирањето на воен шпионски сателит во јуни

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Лансирана балистичка ракета од непозната локација, 31 јули 2019 година

Северна Кореја потврди дека ќе лансира извидувачки сателит во јуни, велејќи дека ѝ е потребен за да ги следи воените движења на Соединетите Држави и нивните партнери во реално време, објавија државните медиуми во понеделникот (29-ти мај), цитирајќи висок претставник на одбраната.

Државната агенција КЦНА го цитираше Ри Пјонг Чол, потпретседател на Централната воена комисија на владејачката партија, кој вели дека „воениот извидувачки сателит бр. 1“ ќе биде „лансиран во јуни“.

Наведувајќи ги „непромислените“ акции на Вашингтон и Сеул, Ри рече дека Северна Кореја чувствува „потреба да ги прошири своите разузнавачки средства и да ги подобри различните одбранбени и офанзивни оружја“ во обид да ја зајакне воената готовност.

Видете и ова: Јапонија ќе собори севернокорејски сателит ако падне на нејзина територија

Официјалниот претставник, исто така, ги обвини Соединетите Држави за спроведување „непријателски воздушни шпионски активности во и околу Корејскиот Полуостров“.

Северна Кореја ја извести Јапонија дека ќе лансира ракета помеѓу 31 мај и 11 јуни, идентификувајќи ги водите во близина на Жолтото Море, Источното Кинеско Море и источно од островот Лузон на Филипините како предупредувачки области, изјави портпаролот на јапонската крајбрежна стража за агенцијата Фран прес.

Јапонија во понеделникот соопшти дека била информирана од Пјонгјанг дека лансирањето сателит може да се случи уште оваа недела, но Токио предупреди дека Северна Кореја можеби планира тестирање на балистичка ракета.