Вучиќ ги повика Србите во Косово да не влегуваат во судири со НАТО

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги повика Србите на северот на Косово да не влегуваат во конфликти со НАТО.

Тој им порача кога протестираат, тоа да го прават мирно.

Вучиќ и се обрати на јавноста вечерва, на 29 мај, по интервенцијата во Звечан што ја презеде мировната мисија на НАТО во Косово КФОР.

КФОР интервенираше за да ги растера српските демонстранти собрани пред зградата на општина Звечан на северот на Косово. Потоа дојде до конфликт во кој десетици беа повредени од двете страни.

Видете и ова: КФОР соопшти дека во судирите во Звечан повредени се околу 25 војници

Вучиќ рече дека при интервенцијата на КФОР биле повредени 52 Срби, од кои, како што рече, тројца се тешко повредени.

Групи Срби протестираа во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ на северот на Косово, противејќи се на новите градоначалници од албанска националност во мнозинските српски општини.

Тие беа избрани на изборите во април, кои беа бојкотирани од локалните Срби.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во своето обраќање до јавноста од Претседателството на Србија, рече дека во вторник наутро, на 30 мај, ќе оствари средба со амбасадорите на земјите од Квинта.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервенција на КФОР во Звечан, има повредени

Тој изјави и дека во текот на денот разговарал со Американците, Германците и Европејците.

„Ја молам меѓународната заедница да го вразуми Албин Курти“, рече тој.

Претседателот на Србија изјави дека косовскиот премиер Албин Курти е одговорен за последиците на северот на Косово, велејќи дека тој е одговорен за конфликтот меѓу НАТО и Србите.

Според Вучиќ, припадник на косовската полиција пукал во српските демонстранти. РСЕ не можеше да го потврди таквото тврдење.

Претседателот на Србија изјави и дека се уапсени четири лица од српска националност.

Тој повтори дека Србија е за зачувување на мирот.

„Ако албанскиот окупатор пука, тогаш ситуацијата ќе биде поинаква“, рече тој.

Видете и ова: Квинта и ЕУ - Косовските власти да не влегуваат насилно во општините на северот

Во текот на вечерта, претседателот на Србија разговараше со високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борела и со потпретседателот на Советот на министри и министер за надворешни работи на Република Италија, Антонио Тајани.

Вучиќ ги информирал соговорниците за се што се случува на Косово и повторил дека Србија и Србите ќе сторат се за зачувување на мирот и стабилноста, се вели во соопштението од Претседателството на Србија.

Во петокот, на 23 мај, кога косовската полиција им помогна на новоизбраните градоначалници да влезат во општинските згради, Вучиќ издаде наредба за подигање на борбената готовност на српските вооружени сили на највисоко ниво.

На 29 мај, КФОР го зголеми своето присуство во општините на северот на Косово. Пред инцидентот во Звечан, оваа мисија ги повика сите страни да се воздржат од дејствија „кои би можеле да поттикнат тензии или да предизвикаат ескалација“.

Меѓународната заедница го опиша влегувањето на новите градоначалници во општинските згради со помош на полицијата како „присилен влез“ и побара од Косово да не презема „еднострани и дестабилизирачки чекори“.

Приштина ја бранеше својата одлука тврдејќи дека таа е легитимна.

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер, ги повика општинските службеници на северот на Косово да не влегуваат насилно во општинските згради.