КФОР ги повика страните да не ги зголемуваат тензиите на северот на Косово

Американски војници, дел од мировната мисија во Косово КФОР ја чуваат општинска зграда во градот Лепосавиќ, северно Косово, понеделник, 29 мај 2023 година.

Во услови на зголемени тензии на северот на Косово, мировната мисија на НАТО, КФОР, ги повика сите страни да се воздржат од дејствија „што би можеле да поттикнат тензии или да предизвикаат ескалација“.

Мисијата на КФОР потврди дека утрото на 29 мај го зголемила своето присуство во општините на северот на Косово, по порастот на тензиите поради изборот на градоначалници од албанска националност во мнозинските српски општини.

КФОР објави дека зголеменото присуство на северот има за цел да обезбеди „безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово, во согласност со мандатот што произлегува од Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.

„Командантот на КФОР [Анџело Микеле Ристуча] е во близок контакт со сите главни соговорници, вклучително и претставници на косовските институции и безбедносни организации, Генералштабот на српските вооружени сили, но и со Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово [ЕУЛЕКС] и други претставници на меѓународната заедница“, соопшти мисијата на КФОР.

Видете и ова: Лавров - Ситуацијата на Косово може да предизвика нов конфликт во Европа

Како што наведоа, КФОР, во согласност со својот мандат, е подготвен „да ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедна средина, на неутрален и непристрасен начин“.

Наведоа и дека дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската Унија, е единствениот начин за намалување на тензиите и обезбедување мир и нормализација на односите.

Денеска локалните Срби протестираат пред општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, противејќи се на новите албански претседатели на општините, избрани на 23 април.

Косовската полиција соопшти дека протестите на север продолжуваат и дека претставници на Српската листа - водечката партија на Србите на Косово - поднеле две барања за прекин на протестите. Од оваа партија побараа смена на новите градоначалници Албанци и повлекување на специјалната единица на косовската полиција од север.