Квинта и ЕУ - Косовските власти да не влегуваат насилно во општините на северот

Граѓани пред општина Звечан.

Земјите од Квинтa и Европската унија најавија дека очекуваат Владата на Косово да не презема никакви нови мерки „за насилен влез во општинските згради“ на северот на Косово.

Квинта, која ја сочинуваат земјите САД, Обединетото Кралство, Италија и Франција, ја повторија изјавата од 26 мај, кога ја осудија одлуката на Косово „насилно да влезе во општинските згради на северот, и покрај нашите повици за воздржаност“.

„Во овој контекст, Квинта и ЕУ очекуваат дека Владата на Косово нема да преземе нови мерки за присилно влегување во зградите на општините Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан.

„Новоизбраните претседатели, исто така, мора да покажат воздржаност и да преземат итни чекори за да ја покажат својата посветеност и одговорност да ги претставуваат и да им служат на сите членови на нивните заедници“, рекоа тие во заедничката изјава објавена на 28 мај.

Видете и ова: На северот на Косово тензии, судир на локалните Срби со КФОР

На 26 мај, групи локални Срби се спротивставија на влегувањето во канцелариите на новите албански градоначалници Звечан, Зубина Поток и Лепосавиќ.

Новите градоначалници ги следеше косовската полиција, која се судри со српските групи. За време на судирот, полициските сили употребија шок-бомби и солзавец, додека локалните Срби фрлаа камења врз полициските сили.

Најмалку пет полицајци се повредени, додека неколку полициски автомобили изгореа.

Земјите на Квинта, исто така, соопштија дека ги повикуваат сите страни да бидат претпазливи за други закани или дејствија кои можат да влијаат на безбедното опкружување „вклучувајќи ја и слободата на движење, што може да ги разгори тензиите и да предизвика конфликт“.

„Посебно сме загрижени за безбедноста и благосостојбата на цивилите, полицајците, членовите на ЕУЛЕКС и КФОР. Секоја нова еднострана акција негативно ќе влијае на односите со Квинта и со државите на ЕУ“, се вели во соопштението.

Квинта, исто така, посочи дека дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на Европската унија, „е патот што води кон нормализација“ на односите „и членство во ЕУ“. Во соопштението, страните се поканети да работат на имплементација на Договорот за нормализација што Косово и Србија го постигнаа во февруари и неговиот анекс, како и на договорот за формирање на Заедницата (општини со српско мнозинство).

Видете и ова: Дачиќ: Задачата на КФОР не е да ги спречува вработените да влегуваат во општините на северот на Косово

Посетата на новите градоначалници на општините од северот на општинските канцеларии наиде на остра осуда од САД, кои го повикаа Косово да се откаже од „насилните мерки“.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека ја разбира загриженоста на меѓународните партнери, но додаде дека секоја друга опција би била неисполнување на уставните обврски.

Четворица нови албански градоначалници беа избрани во четири општини на северот на Косово на локалните избори на 23 април, бидејќи српските партии не учествуваа на овие вонредни избори.

Изборите се одржаа по оставките на лидерите на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, во ноември минатата година.

Оваа партија ги напушти сите институции на Косово, поради одлуката на Владата во Приштина да го спроведе процесот на пререгистрација на автомобилите со нелегални српски регистарски таблички. Изборите ги бојкотираше мнозинското српско население во областа, кое сега не ги прифаќа резултатите, односно новите градоначалници.

На изборите во април учествувале 3,47 отсто од вкупниот број запишани избирачи.