Дачиќ: Задачата на КФОР не е да ги спречува вработените да влегуваат во општините на северот на Косово

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во својот коментар за ситуацијата во северно Косово рече дека задачата на КФОР е „да го оневозможи едностраниот чин на Приштина, а не да ги спречува вработените да влегуваат во зградите“.

„Сега ги чуваат градоначалниците под изговор дека го чуваат мирот. Изгледа ги чуваат од сопствениците на зградите, Србите, од оние што работат таму, што се вработени таму. Тие не можат да бидат градоначалници во српските општини кои не беа избрани од Србите“, изјави Дачиќ за јавниот сервис на РТС на 29 мај.

Тој посочи дека вооружените сили на Србија се во состојба на готовност.

Српските власти одлучија вооружените сили да останат на највисоко ниво на готовност до понатамошно известување, поради ситуацијата на северот на Косово.

Видете и ова: На северот на Косово тензии, судир на локалните Срби со КФОР

Изјавата на Дачиќ доаѓа откако локалните Срби од овие општини се собраа на 29 мај за уште еднаш да се спротивстават на новите градоначалници, избрани на локалните избори на 23 април.

Имено, косовската полиција им помогна на градоначалниците Албанци на општините на северот на Косово - Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, каде мнозинството од населението се Срби, да влезат во нивните општински простории на 26 мај.

Меѓународната заедница ја осуди одлуката на Владата на Косово да ги принуди градоначалниците да влезат во општинските згради и ги повика властите на воздржаност.

НАТО ги повика и институциите на Косово итно да ја деескалираат ситуацијата на северот.