Косовската полиција соопшти дека состојбата е мирна во општините на северот на Косово, населени со мнозинско српско население.
Ветон Елшани од косовската полиција за Радио Слободна Европа изјави дека состојбата на север е стабилна и дека полицајците се уште престојуваат во близина на зградите на општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Тој додаде дека во текот на ноќта немало никакви инциденти.
Во овие општини живее мнозинско српско население, а на 26 мај се обииоа да го спречат градоначалникот да влезе во неговиот кабинет.
Тие ги бојкотираа и локалните избори на 23 април и сега не прифаќаат градоначалници од редовите на албанската заедница.
Видете и ова: НАТО го повика Косово итно да ја деескалира ситуацијата на северотНо, градоначалниците сепак дадоа заклетва на 26 мај, а еден ден подоцна, со помош на косовската полиција, влегоа во општинските згради во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Тоа предизвика незадоволство кај локалното српско население и во еден момент тензиите се зголемија и дојде до судир со полицијата.
Полицијата употреби шок бомби и солзавец за да ги растера демонстрантите, додека локалните Срби фрлаа камења кон полицијата.
Пукање имаше и во Звечан. За време на судирите изгореа неколку полициски автомобили, додека петмина полицајци беа повредени.
Властите во Косово ја бранеа својата одлука да им дозволат на новите градоначалници на северот да влезат во нивните канцеларии.
Меѓутоа, меѓународниот фактор го опиша како „присилен влез“, осудувајќи ги постапките на Приштина.
Досега во овие згради функционираа привремените општински власти кои работат во српскиот систем.