Втор круг претседателски избори во Турција

Службеник подготвува гласачко ливче со имињата и сликите на двајцата претседателски кандидати, Реџеп Таип Ердоган, лево, и Кемал Киличдароглу, на избирачко место во Анкара, Турција, недела, 28 мај 2023 година.

Над 64 милиони гласачи во Турција в недела на 28 мај повторно излегуваат на претседателски избори.

Првиот круг од изборите се одржа на 14 мај, кога ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите. Двајцата главни кандидати, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу денеска одат во вториот круг од изборите.

Гласањето за турската дијаспора заврши и во Анкара веќе пристигнаа милион и пол гласови од странство.

Претседателот Ердоган водеше во првиот круг со два и пол милиони гласови пред опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу, кој е поддржан од шест партии.

Видете и ова: Што ја чека Турција на вториот круг избори во недела?

Резултатите ја покажаа целата нестабилност на предизборните прогнози. Иако на Киличдароглу најмногу му се даваше предност, се покажа дека Ердоган за малку не стана нов/стар претседател и дека неговата партија, заедно со ултранационалистичката партија МХП, остана најсилна во турскиот парламент.

Во меѓувреме, меѓу двата изборни круга, третиот претседателски кандидат во тоа време, Синан Оган, најави дека ќе го поддржи Ердоган, што му дава предност на долгогодишниот турски лидер во сегашните прогнози.

Додека Ердоган нуди стабилност, силен лидер за силна Турција, со слоганот „Вистинскиот човек во вистинско време“, Киличдароглу радикално ја промени својата стратегија меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори.

Пред првиот круг вети дека ќе ги отвори рајските порти, а по 14 мај, вели, ако победи, ќе ги затвори портите на пеколот. Тој вели дека е најголемиот националист во Турција.

Турција се справува со висока инфлација, девалвација на лирата, последици од земјотреси и милиони бегалци, повеќе од 3,5 милиони само од Сирија.

На 14 мај актуелниот турски претседател освои 49,5 отсто, а Кличдароглу речиси 45 отсто од гласовите.

Претседателските избори ќе одлучат не само кој ја води Турција, туку и како ќе се управува и каде ќе се движи нејзината економија во услови на длабока криза за трошоците на животот.