Масовен руски напад со дронови врз главниот град на Украина

Пожарникар работи на локација на фабрика за тутун оштетена за време на руски напад со беспилотни летала, среде рускиот напад во Киев, Украина. 28 мај 2023 година.

Русија изврши нов масовен напад со беспилотни летала врз украинскиот главен град Киев, при што загина најмалку едно лице, соопштија локалните власти.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека еден маж загинал кога остатоци од дрон паднале во близина на бензинска пумпа, а една жена била повредена.

Севкупно, Русија лансираше 54 таканаречени беспилотни летала камикази кон украинските цели, од кои 52 беа соборени, објави украинското воздухопловство.

Само во Киев беа соборени повеќе од 40 дронови, соопштија официјални лица, пишува Би-би-си.

Оваа информација не е независно потврдена.

Видете и ова: Оштетена зграда на нафтовод во напад со дронови во руската област Псков

Русија, која ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година, ги засили своите напади врз Киев во последните недели, настојувајќи да ја совлада одбраната на главниот град.

Рано во неделата, предупредувањата за воздушни напади беа активирани во 12 региони на Украина, од Волин на северозапад до Дњепропетровск на југоисток.

Во објава на социјалните мрежи, Кличко ги повика жителите на Киев да „останат во засолништа“, предупредувајќи на бранови напади со беспилотни летала и „тешка ноќ пред нас“.

Тој рече дека најмалку две високи згради во различни области на главниот град биле запалени откако биле погодени од фрагменти од дрон.

Киевските власти, исто така, известија дека магацините во јужниот кварт Холосиевски се запалени. Ангажирани се работници за итна помош.

Последниот напад доаѓа додека жителите на градот го одбележуваат годишниот Ден на Киев - популарен празник во мирни времиња.

Имаше извештаи и за експлозии во градот Житомир, западно од Киев.

Алармот подоцна беше укинат во главниот град и низ целата земја.

Видете и ова: Започна војна на кланови за тронот на Путин, вели руски истражувачки новинар

Во своите неодамнешни напади, Русија користеше таканаречени беспилотни летала камикази, како и опсег на крстаречки и балистички ракети.

Нападите се случија пред општо очекуваната украинска контраофанзива.

Во саботата, еден од највисоките украински безбедносни функционери изјави за Би-Би-Си дека земјата е подготвена да започне таква операција.

Олексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, изјави дека офанзивата за враќање на територијата од окупациските сили на претседателот Владимир Путин би можела да започне „утре, задутре или за една недела“.

Украина со месеци планира контраофанзива. Но, таа сакаше што е можно повеќе време да ги обучи војниците и да добие воена опрема од западните сојузници.

Во меѓувреме, руските сили подготвуваат одбрана во окупираните региони на југоисточна Украина.