Десетици илјади граѓани го опколија јавниот сервис на Радио и телевизија на Србија (РТС) во центарот на Белград, на нов протест под слоганот „Србија против насилството“.
Според новинарите од терен, на протестот се слушаат повици за оставки од функционери.
На протестот повика дел од опозицијата, критикувајќи ја реакцијата на власта по двете масовни убиства што се случија на почетокот на мај во Србија, во кои беа убиени 18 лица.
Поради големиот број насобрани луѓе, поместена е заштитната ограда околу зградата на Собранието, за учесниците на протестот да можат да се пробијат до зградата на РТС.
Организаторите во своите изјави повикаа на мирна прошетка.
Насобраните граѓани повремено извикуваат „Оставка“ и „Вучиќ си оди“.
Видете и ова: Вучиќ поднесе оставка од лидерската позиција во владејачката партијаЦелта на одење до зградата на јавниот медиумски сервис, како што претходно најавија организаторите, е да РТС известува за протестите и за упатените барања. Јавниот сервис ја започна својата централна информативна програма вечерта на 27 мај со прилог од протестот.
Меѓу барањата се и разрешување на министерката за полиција Братислава Гашиќ и директорот на Безбедносно информативната агенција Александар Вулин.
Тие бараат и замена на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на таблоидите кои пропагираат насилство и го прекршуваат кодексот и одземање на националните фреквенции од телевизиите Пинк и Хепи.
Како одговор на убиствата, државата покрена акција за одземање оружје од граѓаните, а беше зголемена и безбедноста околу училиштата.
Министерот за образование Бранко Ружиќ поднесе оставка.
Видете и ова: Тензии на северот на Косово, Србија ја подигна борбената готовностВластите по барање на опозицијата свикаа посебна седница на Собранието на која се расправаше за безбедносната состојба, а на барање на демонстрантите беше најавено укинување на реалното шоу кое промовира насилство.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги критикуваше протестите, нарекувајќи ги политизација на трагедијата. Но, рече и дека е отворен за дијалог со опозицијата.
Тој ги одби и бараните замени на функционери.
На 3 мај 13-годишен ученик уби осум ученици и еден чувар и рани шест ученици и еден наставник. Едно повредено девојче подоцна почина и таа е десеттата жртва.
Напаѓачот беше сместен на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци во Белград.
Еден ден подоцна, на 4 мај, во селата Мало Орашје и Дубона во близина на Белград, 21-годишен напаѓач уби осум, а рани 14 лица. Напаѓачот е уапсен и го признал делото.