Претседателот Пендаровски ќе ги разгледува законите за коридорите 8 и 10д

Macedonia - President Stevo Pendarovski

Претседателот на државата Стево Пендаровски со својот правен тим ќе ги разгледа измените на законите поврзани со коридорите 8 и 10д донесени вчера од Собранието, соопшти на 27 мај Кабинетот на претседателот.

Од Кабинетот на претседателот наведуваат дека станува збор за повеќе закони и дека за разгледувањето ќе бидат потребни неколку дена.

„Дури потоа претседателот Пендаровски ќе излезе со став и ќе каже дали и кои укази ќе бидат потпишани“, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Видете и ова: Собранието ги изгласа законските измени за изградба на коридорите 8 и 10д

Собранието во петокот на 26 мај ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Расправата во Собранието за законските измени заврши вчера, откако претходно поминаа во Комисијата за европски прашања каде беа доставени на предлог на Владата со европско знаменце, со образложение дека ќе овозможат поефикасна, побрза и поевтина изградба.

Опозицијата гласаше против законите за реализација на автопатите за коридорите 8 и 10д. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече рече дека „најголемиот проект на оваа Влада е покриен и целосно исполнет со основни сомненија за злоупотреба и можен криминал од невидени размери со народни пари“.

Владата предложи со европско знаменце да се носат измени на Закон за работни односи, на Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација, и на специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

Проектот кој го следат низа скандали од почетокот ќе чини 1,3 милијарда евра. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.