Партијата на косовските Срби бара прекин на дијалогот Косово-Србија

Претседателот на Српска листа Горан Ракиќ

Најголемата партија на косовските Срби „Српската листа“ побара припадниците на косовската полиција да се повлечат од општинските згради, со оценка дека новите албански градоначалници се „нелегални и нелегитимни“.

Претседателот на оваа партија Горан Ракиќ побара од официјален Белград да го прекине дијалогот со Приштина за нормализација на односите додека не се исполнат нивните барања.

„Бараме од претседателот (Србија Александар Вучиќ) и од Владата на (Србија) да го прекинат, односно суспендираат секаков вид дијалог додека не се повлечат сите специјални сили“, рече Ракиќ на прес-конференција.

Тој додаде и дека нема да се вратат во косовските институции додека не се исполнат нивните претходни услови, односно додека не се формира Заедницата на општините со српско мнозинство и не се повлечат специјалните единици од северот на Косово.

Видете и ова: Вучиќ поднесе оставка од лидерската позиција во владејачката партија

Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, на 27 мај по прес-конференција изјави дека ќе се разгледаат барањата на Српската листа.

„Потребно е време за сериозна дискусија за ова, иако е дегутантно да се разговара со оние кои по којзнае кој пат го осудуваат насилството на Курти, а тој не се грижи за тоа и ја продолжува политиката на терор со етнички да се исчити Косово од Србите“, рече Вучевиќ на состанокот на владејачката партија во Крагуевац, откако беше избран за лидер на СНС.

Тој апелираше до Србите во Косово да го изразат својот протест на мирен начин.

Тој потврди и дека српската армија останува на највисоко ниво на борбена готовност и дека продолжува распоредувањето на армиските единици долж границата со Косово.

Србите ги напуштија косовските институции на северот во ноември минатата година, со цел да ја спречат Владата на Косово да ја спроведе одлуката за пререгистрација на возила од српски на косовски таблички. Ова барање на Српската листа доаѓа еден ден откако се зголемија тензиите на северот на Косово, населен претежно со Срби.

Групи локални Срби се судрија со косовската полиција, додека тројцата нови албански градоначалници на Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток влегоа во општинските згради за да го започнат својот мандат.

Полицијата употреби солзавец и шок бомби за да ги растера Србите собрани пред општинските згради, а истрели имаше и во Звечан.

Изгореа неколку полициски автомобили, а повредени се најмалку пет полицајци.

Видете и ова: Српските вооружените сили остануваат на највисоко ниво на борбена готовност

Најголемата партија на Србите на Косово, побара и повлекување на специјалните единици на косовската полиција од општинските згради, а претставници на оваа партија оценија дека новите албански градоначалници се „нелегални“.

Новинарите на Радио Слободна Европа на 27 мај објавија дека полицијата ги чува зградите на општините Звечани, Зубин Поток и Лепосавиќ, додека ситуацијата е мирна.

По тензиите на северот, Србија ја подигна борбената готовност на своите вооружени сили на највисоко ниво.

Меѓународниот фактор ги осуди постапките на Приштина и побара од Владата на Косово да ги намали тензиите.

Но, премиерот на Косово Аљбин Курти ја бранеше одлуката за влез во општинските згради со новите градоначалници. Тој рече дека ја разбира загриженоста на меѓународните партнери, но „секоја друга опција би била неисполнување на уставните обврски на нашата влада кон новите претседатели“.