Претседателот на Србија и лидер на владејачката Српска напредна странка (СНС), Александар Вучиќ, денеска поднесе оставка од својата партиска функција.
На партискиот состанок во Крагуевац, Вучиќ за таа функција го предложи Милош Вучевиќ, министер за одбрана на Србија, кој е и висок функционер на СНС.
Се очекува истиот ден на продолжението на седницата СНС да го потврди изборот на Вучевиќ.
„Милош е човек посветен на СНС и на идејата за независна и просперитетна Србија“, рече Вучиќ за време на својот говор.
Видете и ова: Вучиќ: Немало посериозна и поголема криза на КосовоВучиќ претходно најави оставка од челната позиција во партијата. Најави и дека од 28 мај ќе почне да формира ново движење. Тој порача и дека ќе остане во партијата.
Како што појасни, тоа движење ќе биде пошироко од СНС, бидејќи неговата намера е во него да учествуваат и оние што не се во таа партија. Тој не прецизираше кого ќе покани.
Вучиќ при своето излагање се осврна и на актуелната ситуација во Косово која ја нарече тешка.
Ден претходно, косовската полиција им помогна на новите албански градоначалници на Звечан, Лепосавиќ и Зубина Поток да влезат во нивните канцеларии, на што се спротивставија групи локални Срби.
Потегот на косовските власти беше критикуван од западните земји. Властите во Србија на 27 мај одлучија вооружените сили да останат на највисоко ниво на борбена готовност поради ситуацијата.
Видете и ова: НАТО го повика Косово итно да ја деескалира ситуацијата на северот„Намерата на оние од Западот е да излезат со некаква изјава против нив (властите во Косово), да не задоволат, но дека ние треба да бидеме задоволни со она што е новата реалност, која е спротивна на сите меѓународни акти и норми. Отпорот на српскиот народ на Косово ќе биде се посилен и посилен, се надевам со мирни средства“, рече Вучиќ.
Вучиќ заедно со поранешниот претседател на Србија Томислав Николиќ е еден од основачите на СНС. Пред тоа, тие беа високи функционери на десничарската Српска радикална партија, на чело со хашкиот осуденик Воислав Шешељ.
Вучиќ беше избран на челната позиција во СНС во мај 2012 година, кога партијата дојде на власт. Опозицијата и дел од јавноста го критикуваа дека истовремено е претседател на државата и на партијата, велејќи дека го крши Уставот.
Но, иницијативата за оцена на уставноста никогаш не дојде.