Воената алијанса на НАТО ги повика косовските институции веднаш да ја деескалираат ситуацијата на северот на земјата, еден ден по судирот меѓу косовската полиција и локалните српски групи.
„Ги повикуваме институциите во Косово веднаш да ја деескалираат ситуацијата и ги повикуваме сите страни да ја решат ситуацијата преку дијалог. Мисијата на НАТО, КФОР, продолжува да биде будна и да обезбедува безбедна средина“, напиша на Твитер портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
Во петокот на 26 мај дојде до конфликт меѓу косовската полиција и локалното население во општините на северот на Косово со српско мнозинство.
Полицијата им помогна на новите албански градоначалници на Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток да влезат во нивните канцеларии, на што се спротивставија групи локални Срби. Беше фрлен солзавец и шок бомби, а кон полицијата беа фрлани и камења. Новите градоначалници влегоа во нивните простории по интервенција на полицијата.
Видете и ова: Мирно на северот на Косово, нема задржувања на премините Јариње и БрњакГрадоначалниците беа избрани на изборите во април 2023 година, кои беа бојкотирани од најголемата партија на Србите, Српска листа, со поддршка на официјален Белград.
По инцидентите на северот на Косово, претседателот на Србија нареди борбена готовност и распоредување на војската на Србија на границата со Косово, чија независност властите во Србија не ја признаваат. Косовските власти за немирите ги обвинија српските „криминални и нелегални структури“.
Постапките на косовските власти во северните општини ги осуди американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој го повика косовскиот премиер Албин (Албин) Курти веднаш да престане со „насилните мерки и повторно да се фокусира на дијалогот предводен од ЕУ“.
Потезите ги осуди и Европската Унија, која најави дека повеќе нема да прифаќа провокативни потези.