САД ја осудија акцијата на косовските власти на северот на Косово

Амбасадорот на Соединетите Држави во Приштина, Џефри Ховениер

Амбасадорот на Соединетите Држави во Приштина, Џефри Ховениер, ја осуди постапката на косовските власти и повика таа веднаш да се прекине.

„САД ја осудуваат акцијата на косовските власти да пристапат до општинската зграда на северот на Косово. Таа насилна мерка мора веднаш да престане“, напиша на Твитер амбасадорот на САД во Приштина, Џефри Ховениер.

Реакцијата на американскиот амбасадор следува откако денеска косовската полиција влезе во општинските згради Звечан и Зубин Поток и Лепосавиќ, откако претходно употреби солзавец и шок бомби за да ги растера граѓаните кои беа собрани пред општинските згради.

Полицијата соопшти дека на овој начин им помага на новите градоначалници на општините во северниот дел на Косово да пристапат до официјалните објекти на тие општини, откако претходно дале заклетва.

Видете и ова: Тензии на северот на Косово, Србија ја подигна борбената готовност

Косовската полиција соопшти дека петмина полицајци се здобиле со полесни повреди при обидот да влезат во зградата на општина Звечан, при што е причинета материјална штета на четири службени возила, од кои едното било опожарено.

Српскиот претседател Александар Вучиќ издаде наредба за подигање на борбената готовност на војската на Србија на највисоко ниво. На војската на Србија и е наредено „итно да се движи“ во правец на границата со Косово, изјави српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ.

Локалните избори на северот на Косово се одржаа на 23 април по оставката на градоначалникот од редовите на Српската листа - најголемата партија на косовските Срби, кој се спротивстави на одлуката на Владата на Косово да го спроведе процесот на пререгистрација од српски на косовски таблички.