Собранието ги изгласа законските измени за изградба на коридорите 8 и 10д

илустрација

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Претходно Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка посочи дека неговата пратеничка група ќе гласа против законите за реализација на автопатите за коридорите 8 и 10д, за како што рече, да остане забележано и нотирано во историјата дека најголемиот проект на оваа Влада „е покриен и целосно исполнет со основни сомненија за злоупотреба и можен криминал од невидени размери со народни пари и дека сите овие постапки и процедури за носење на овие закони и договори ќе бидат внимателно анализиран, ревидирани и процесуирани до адекватните институции по промената на власта во Македонија“.

Расправата во Собранието за законските измени заврши вчера, откако претходно поминаа во Комисијата за европски прашања каде беа доставени на предлог на Владата со европско знаменце, со образложение дека ќе овозможат поефикасна, побрза и поевтина изградба.

Видете и ова: Деталите за автопатиштата изгубени во изјавите на функционерите

Претходно денеска реагираше и Сојузот на синдикати од каде што предупредија дека владејачкото мнозинство планира по завршувањето на 116 седница посветена на пратенички прашања, да ја започне 115 седница на Собранието за да го помине Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, по скратена постапка и да го воведе 72 часовното неделно работно време.

Тие ги повикаа пратениците од помалите политички партии да не дозволат да направат кворум на седницата на која ќе се изврши директен напад врз работничките права и работничките животи како што нема случај во светот.

Владата предложи со европско знаменце да се носат измени на Закон за работни односи, на Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација, и на специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка. Проектот кој го следат низа скандали од почетокот ќе чини 1,3 милијарда евра. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.