Јапонија ќе воведе дополнителни санкции против Русија по мерките што беа договорени на самитот на Групата седум најразвиени земји (Г7) минатата недела, изјави во петокот, 26 мај, портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно.
Мацуно го осуди испраќањето на тактичкото нуклеарно оружје на Москва во Белорусија, наведувајќи дека тоа дополнително ќе ја интензивира ситуацијата околу Украина.
„Како единствена земја што претрпе нуклеарен напад во војната, Јапонија никогаш нема да ги прифати заканите на Русија со атомско оружје, ниту неговата употреба“, нагласи Мацуно, пренесе агенцијата Ројтерс.
Лидерите на Г7, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија, Германија и Франција, ја изразија својата решеност да ја поддржат Украина со испраќање дополнителна воена помош и санкции против Русија на самитот во Хирошима минатата недела.
Русија започна инвазија на Украина во февруари 2022 година, а оттогаш нејзините официјални лица и медиуми блиски до режимот неколкупати споменуваат употреба на нуклеарно оружје.
Соединетите Американски Држави фрлија атомски бомби врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки во август 1945 година. Набргу потоа, Јапонија капитулираше.
Нема точни податоци за бројот на жртвите, но се верува дека околу 140.000 од 350.000 жители на Хирошима загинале во експлозијата, а најмалку 74.000 луѓе ги загубиле животите во Нагасаки, пишува Би-Би-Си.
Илјадници луѓе загинаа од нуклеарното зрачење на бомбите и последиците од радијацијата во неделите, месеците и годините по нападот.