Нуклеарки, апчиња, метли...
РОМААНИЈА - Околу 15.000 романски учители излегоа на улиците на Букурешт на 25 мај, на четвртиот ден од штрајкот поради ниските плати и недоволното финансирање на образованието, без знаци за договор со коалициската влада.
САД - Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) даде целосно одобрение за пилулата Паксловид за Ковид-19 на Фајзер. Таблетата е наменета за возрасни кои имаат висок ризик од потешка форма на болеста предизвикана од корона вирусот. Одобрувањето на пилулата, првично одобрено за итна употреба кон крајот на 2021 година, ќе им даде на лекарите поголема флексибилност во препишувањето на пилулата за возрасни со тешки симптоми на ковид-19.
ГЕРМАНИЈА - Германската економија влезе во рецесија, покажаа најновите официјални податоци, откако инфлацијата и каматните стапки ја намалија побарувачката во најголемата европска економија. Според Сојузниот завод за статистика Дестатис, германскиот бруто домашен производ (БДП) е намален за 0,3 отсто во првите три месеци од оваа година.
МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство денеска презентираше нова мобилна апликација „Мое здравје“ која ќе им овозможи на сите граѓани да имаат лесен пристап и увид во личните здравствени податоци. Апликацијата вклучува интерактивен пристап кон здравственото досие на секој корисник и дава можност да се има увид во дијагностичките анализи, упатите за специјалистички прегледи, вакцините и сертификатите за вакцинација и многу повеќе информации во форма на лично здравствено досие. Во рамки на ова дигитално решение ќе бидат овозможени и детални информации за сите извршени здравствени услуги. Пристап до апликацијата ќе има секое полнолетно лице со можност да врши увид и како родител/старател во податоците за малолетните лица за кое е одговорен.
РУСИЈА - Врховниот суд на Русија нареди згаснување на опозициската партија ПАРНАС. Одлуката на 25 мај беше донесена на барање на Министерството за правда. ПАРНАС (скратена форма на името на Партијата за народна слобода) беше официјално регистрирана во 2012 година. Ја водеа поранешниот премиер Михаил Касјанов, поранешниот вицепремиер Борис Немцов и пратеникот Владимир Рижков.
МАКЕДОНИЈА - Највисока доверба меѓу граѓаните имаат верските заедници (5.1), војската (5.1) и полицијата (4.3), покажува последното истражување подготвено во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, што ја спроведуваат Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), Центар за управување со промени (ЦУП), со финансиска поддршка од Владата на Швајцарија.
РУСИЈА - Руското Министерство за надворешни работи во четвртокот (25-ти мај) соопшти дека ги повикало амбасадорите на Германија, Шведска и Данска за да протестираат поради, како што рече, „целосен недостиг на резултати“ во истрагата за тоа кој го оштети гасоводот Северен тек минатата година.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство, Фатмир Меџити очекува, од јануари 2024 година очекува да функционира еден клинички центар, најверојатно со, како што рече денеска, еден генерален директор, со што би се укинале организациските директори на одделните клиники.
БУГАРИЈА - Бугарскиот став останува непроменет дека Република Северна Македонија треба што поскоро да го започне и заврши преговарачкиот процес и да стане полноправна членка на ЕУ како резултат на сопствениот придонес и со исполнување на критериумите за членство, а не врз основа на политичка одлука, смета претседателот на бугарското Собрание, Росен Жељазков.
БЕЛОРУСИЈА - Русија и Белорусија во четвртокот (25-ти мај) потпишаа договор за формализирање на распоредувањето на руски тактички нуклеарни ракети на белоруска територија, потег што Москва рече дека е поттикнат од зголемените тензии со Западот.
МАКЕДОНИЈА - Шпекулација, замајување на јавноста, најнова лага и уште една небулоза во низата, вака премиерот Димитар Ковачевски денеска ја коментираше изјавата на претседеталот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски според кого „власта со уставните измени работи на создавање бинационална држава“.
УКРАИНА - Руската платеничка група Вагнер почна да ги повлекува своите сили од украинскиот град Бахмут и да ги предава своите позиции на редовните руски трупи, рече нејзиниот основач Евгениј Пригожин во видеото објавено во четвртокот, 25 мај.
УКРАИНА - Украинската армија во четвртокот на 25 мај објави дека воздушната одбрана во Киев одбила нов „масовен“ напад на руски беспилотни летала врз градот.
„Русија повторно го нападна Киев од воздух“, напиша Серхи Попко, шефот на цивилната и воената администрација на Киев, на апликацијата за пораки Телеграм.
Воздушниот напад на градот траеше повеќе од три часа.