Жељазков: Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е апсолутен предуслов

Росен Жељазков

Бугарскиот став останува непроменет дека Република Северна Македонија треба што поскоро да го започне и заврши преговарачкиот процес и да стане полноправна членка на ЕУ како резултат на сопствениот придонес и со исполнување на критериумите за членство, а не врз основа на политичка одлука, смета претседателот на бугарското Собрание, Росен Жељазков.

МИА објави дека тој во интервју за БГНЕС нагласува дека за Бугарија е важен условот „поставен од Европската комисија“ за уставни измени за вклучување Бугарите во македонскиот Устав.

„Ова е апсолутен предуслов за почеток на преговорите. Ова не е наше билатерално прашање, тоа е услов кој е поставен и евидентиран во условите за почеток на преговорите и го следи Европската комисија“, изјави Жељазков во интервјуто дадено на крајот на неговата посета на Рим, каде престојуваше по повод празникот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Видете и ова: Ковачевски: Преамбулата е во преговарачката рамка, не правиме бинационална држава

Тој додаде дека на средбите со претставниците на властите на Италија и Ватикан, го повторил ставот на Софија дека земјава ќе стане полноправна членка на Европската Унија врз основа на сопствениот придонес.

Софија веќе подолг период го условува стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, барајќи да се внеат Бугарите во Уставот. Бугарија ја негира посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик, нарекувајќи ги коминтерновска творба.