Шпекулација, замајување на јавноста, најнова лага и уште една небулоза во низата, вака премиерот Димитар Ковачевски денеска ја коментираше изјавата на претседеталот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски според кого „власта со уставните измени работи на создавање бинационална држава“.
„Тоа е уште една од низата небулози и замајување на јавноста од страна на опозицијата, истата таа опозиција зборуваше и дека во државата ќе има не знам колку милиони мигранти, дека државата ќе се кантонизира, дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станеле бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, но ништо од тоа не се случи“, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на магистралниот пат Куманово - Страцин.
Видете и ова: Поддршка од САД за уставните измени - можеби изгледаат минорно, но се тешкиПремиерот потсети дека Работната група за уставните измени има обврска да ги подготви измените согласно преговарачката рамка. Владата ќе биде подносител, а се работи за промена на Преамбулата и внесување други делови од народи во неа, каде веќе има и други делови од народи. Тоа е обврска која е императив и основна работа на Работната група, а потоа и на собраниските тела, дополни Ковачевски.
Тој рече и дека се уште не ја слушнал изјавата на бугарскиот спикер.
„Не сум ја видел изјавата на претседателот на Собранието на Бугарија, но промената на Преамбулата и внесувањето на деловите од бугарскиот народ, 3 500 наши сограѓани кои се самоопределуваат како Бугари, е дел од преговарачката рамка во која обезбедивме заштитен македонски јазик и идентитет и со која ги почнавме преговорите. Ова е една од обврските која нашето собрание ќе ја направи и потоа ќе продолжиме со отворањето на поглавјата и кластерите, а земјава до 2030 година ќе стане дел од ЕУ. Тоа е целта што ќе ја оствариме сите заедно“, подвлече Ковачевски.
На ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ, со соопштение во кое се вели: „Информациите кои стигнуваат до нас од т.н. работно тело за Уставни измени е дека варијантата за два народа, неколку заедници и малцинства е најсериозно дебатирана меѓу нив. Ковачевски наместо да брка гуски во магла да каже дали ова е разговарано во владината коалиција или е само идеја на т.н. работно тело“.