Тина Тарнер, Додик, Пригожин, Столтенберг...
ШВАЈЦАРИЈА - „Тина Тарнер, 'Кралицата на рокенролот', почина мирно денеска на 83-годишна возраст по долго боледување во нејзиниот дом во Куснахт во близина на Цирих, Швајцарија. Светот загуби музичка легенда и пример“, напиша нејзиниот портпарол во соопштението до јавноста.
РУСИЈА - Обвинителот во Калининград побара од судот да осуди 64-годишниот антивоен активист Игор Баришников на осум години затвор под обвинение за ширење „лажни“ информации за руските вооружени сили вклучени во тековната инвазија на Украина. Адвокатката на Баришников, Марија Бонтслер, на 24 мај изјави за РСЕ дека нејзиниот клиент не е во состојба да биде затворен, бидејќи му е дијагностициран рак и итно му е потребна операција.
БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека пристапот на Украина во западната воена алијанса нема да се случи додека трае војната, но дека патот за членство е таму за во иднина.
Столтенберг на настан организиран од Германскиот Маршалов фонд на Соединетите Држави во Брисел рече: „Сите се согласуваме дека Украина ќе стане членка на алијансата“.
КИНА / РУСИЈА - Кинескиот претседател Си Џинпинг му понудил поддршка на рускиот премиер Михаил Мишустин од Пекинг за „клучните интереси“ на Москва на денешната средба. Посетата на Мишустин е највисоката посета на руски функционер на Кина од минатогодишната инвазија на Украина, потсетува агенцијата Асошиејтед прес (АП).
МАКЕДОНИЈА - Членовите на Независниот синдикат за образование денеска во Скопје одржаа протест, на кој побараа да не се спојуваат наставните предмети и да се почитуваат колективните договори.
Претседателот на синдикатот, Томислав Гиевски вели дека спојувањето на предметите може да предизвика губење на дел од работните места, а истовремено го погазува професионалниот интегритет на работниците.
МАКЕДОНИЈА - Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го одложи гласањето по Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот на ЕП за земјава, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, изработен по извештајот на Европската комисија, пренесува МИА. Извештајот за Северна Македонија беше петта точка на денешната седница на АФЕТ.
УКРАИНА / РУСИЈА - Руски функционер во јужниот регион Белгород, кој граничи со Украина, во средата, на 24 мај, изјави дека територијата била цел на бројни беспилотни летала во текот на ноќта, по вооружен упад на територијата од Украина.
„Ноќта не беше целосно мирна. Имаше голем број напади со беспилотни летала. Со повеќето од нив се справија системите за противвоздушна одбрана“, рече гувернерот Вјачеслав Гладков во објава на социјалните мрежи.
РУСИЈА / УКРАИНА - Шефот на руската приватна платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, вели дека планот на Москва за „демилитаризација“ на Украина не успеал и дека инвазијата на нејзиниот сосед „ја претвори украинската армија во една од најмоќните во светот“. Во интервју со про-рускиот политички набљудувач Константин Долгов, чија целосна верзија беше објавена на 24 мај, Пригожин рече дека руската агресија ги направи Украинците „нација позната на целиот свет“.
АВГАНИСТАН - Шест лица загинаа, а стотици домови беа уништени во поплавите во централен Авганистан, соопштија локалните власти на 24 мај.
Абдул Вахид Хамас, портпарол на гувернерот на талибанците во централната провинција Гор, рече дека три жени и едно дете загинале во поплавата во градот Фирозкох. Во областа Пасабанд, во истата провинција, маж и жена биле пронајдени мртви, додека уште едно лице се води како исчезнато, соопшти Хамас.
КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти најави дека на 25 мај ќе дадат заклетва новоизбраните градоначалници на општина Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
„Нашите акции се насочени кон демократско функционирање на државните институции и обезбедување јавни услуги за сите граѓани. Ова не е избор. Тоа е наша обврска. Посветени сме на заштита на човековите права, граѓанските слободи, владеењето на правото, политичкиот плурализам, мирот и безбедноста во земјата“, рече Курти на седницата на Владата.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / УКРАИНА - Британскиот министер за одбрана Бен Валас се сретна со неговиот украински колега Олексеј Резников на 24 мај за време на ненадејната посета на Киев, објави украинското Министерство за одбрана. Посетата доаѓа еден ден пред виртуелниот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина (UDCG), која се состои од десетици земји кои го поддржаа Киев во неговата борба против илегалната инвазија на Русија.
ИЗРАЕЛ - Пратениците во израелскиот парламент на Кнесетот рано во средата усвоија годишен буџет со контроверзни распределби за ултраортодоксните сојузници, правејќи отстапка за верската партија во владејачката коалиција што предизвика протести на опозицијата.
МАКЕДОНИЈА - Со повеќе настани под мотото „Писмото е нашиот универзум“ денеска во Северна Македонија се одбележа Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
САД - Стејт департментот, коментирајќи ја средбата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик и рускиот лидер Владимир Путин изјавија дека „ниту една влада, на кое било ниво, во овој момент не треба да ја прошири соработката со Русија, додека таа земја врши агресија врз Украина. Портпаролот на Стејт департментот во изјава за Гласот на Америка изјави дека одлуката на Додик да се сретне со Путин, „додека Русија во исто време отворено ги крши основите и законите на меѓународниот поредок, како и претходната одлука на Додиќ да го разликува Путин се кусогледи потези кои не им служат на интересите на граѓаните на Република Српска“.